GOSH 22 Color Shadow Palette Review + Pictures + Swatches



Здраво на сите !

Еве ме пак со нова рецензија, овој пат за палета на GOSH која содржи 22 сенки за очи. Оваа палета е излезена пред 4 години (не со овие нијанси), но како што пишува на пакувањето ова е истиот изглед на старата GOSH 22 Color Shadow палета со нови нијанси и подобрена формула. Јас ја тестирав оваа палета околу 4 недели па, доколку ве интересира моето мислење за оваа “нова„ палета продолжете да читате.

Опис на производот: GOSH палета со 22 сенки за очи кои доаѓаат во различни бои и се одлични за било која боја на тен и очи. Пријатна комбинација на топли и ладни тонови, неутрални, неколку светли, темни, пастелни и бисерни нијанси која ја прават оваа палета лесно употреблива. Сигурно нема да ги користите сите нијанси, но има навистина добри кои веднаш ги забележав по отворањето.


Пакување: Најпрво оваа палета ја добивате во картонско пакување на кое се испечатени нијансите заедно со името на брендот на предната страна додека на задниот дел од пакувањето се испишани состојките кои ја сочинуваат формулата, местото на производсвто како и серискиот број на пакувањето, а целото картонско пакување е завиткано во проѕирен целофан. Во внатрешноста на картонското пакување, палетата е заштитена со бел сунѓерест материјал кој е дополнителна сигурност дека палетата нема да се оштети. Сенките се сместени во прекрасно  тенко, елегантно мат црно пакување со димензии 9 cm со 12 cm, со пристојна тежина. Кога ќе ја отворите палетата ве пречекуваат сенките заедно со 4 еднострани сунѓерести апликатори за нанесување на сенките што искрено не ми се допаѓаат и сигурно не би ги употребила. На капакот се наоѓа едно огромно огледало кое го зафаќа целиот горен капак, што многу ми се допаѓа бидејќи е многу практично. Целото пакување ја прави оваа палета да биде лесно нослива за било какви патувања.


Текстура, пигментација и финиш: Техстурата на овие сенки е нежна и кремаста ( заради тоа што формулата содржи масло од јојоба ) , помалку прашкаста. Дали ми се допаѓа квалитетот на овие сенки? Според моето искусво со сенките на GOSH кои се секогаш средно пигментирани, оваа палета дефинитивно малку отскокнува од тој тренд. Оваа палета е малку повеќе пигментирана за разлика од другите сенки од овој бренд (единечните и четириаголните), мешавина од мат и светки во најголем дел, со неколку нијанси кои што содржат малку повеќе бисерен пигмент. Кога ги тестирав сите нијанси дадоа различен резултат од низок до среден сатенски финиш - без прајмер и база, додека со прајмер и база или со влажна четка добија остар сатенски финиш. Значи најдобро е да се користат со база, прајмер и влажна четка за да ја добиете нивната реална нијанса. Кога ги нанесував многу малку се изронија, но тоа не би требало да претсвавува проблем доколку прво би ги нашминкале очите, а потоа лицето.

Времетраење: Траат навистина долго,без прајмер околу 6 часа со минимално опаѓање на пигментот, со прајмер 9 чесови, поточно додека не решите да ја избришете шминката- импресивно.

Мирис: Немаат никаков мирис, што многу ми се допаѓа бидејќи не би ги иритирале и најчуствителните очи.

Како изгледаат сенките на кожата?
За да ви покажам како изгледаат сенките на кожата ги групирав од лево на десно според бојата на нијанси бидејќи кога прв пат ги видов така ми паднаа во очи наместо по редови, и ги нанесував со најстарата алатка за шминкање- прстите, за подобро да ја осетам текстурата и пигментот и не користев ниту база, прајмер и не ги нанесував со влажни прсти. Се надевам дека нема да ми замерите за овој мој метод.

Комбинација од виолетови нијанси, како што можете да видите сите четири нијанси се одлично пигментирани и супер лесно се сенчаат. Може да ги користите и без прајмер така што  резултатот може да го погледнете на крајниот дел од сликата.  Помеѓу овие сенки се наоѓа и мојата омилена пастелна сенка од оваа палета, нијанса на лаванда.  Овие нијанси одлично ги истакнуваат сите бои на очи така што никогаш нема да згрешите доколку се одлучите да се нашминкате со некој од нив. Изгледот кој што го креирав со овие сенки можете да го погледнете ТУКА.

Втората група е комбинација од сини нијанси исто така добро пигментирани и лесно сенчливи. Овие сини нијанси може да се користат и без употреба на прајмер и исто така одлично ги истакнуваат кафените очи. 

Следната група се зелените нијанси кои се послабо пигментирани особено најсветлата нијанса од оваа група, за разлика од останатите нијанси и користењето на овие нијанси е незамисливо без употреба на прајмер. Кога ги тестирав лесно се исенчаа. Изгледот кој го креирав со оваа група на сенки можете да го погледнете ТУКА.

Четвртата група на сенки се сивите (метални) нијанси кои се добро пигментирани, но потешко се сенчаат што тоа ги прави потешки за работа за разлика од сите останати сенки.

Петта предпоследна група се кафените (земјени) нијанси кои се одлично пигментирани и сигурно би ги користела највеќе од сите останати сенки, бидејќи најдобро ми ги истакнуваат очите. Првите две сенки на сликата изгледаат како да се исклучитално мат, но на поголема светлина се приметува бисерниот пигмент кои го содржат, така што сепак не може да се каже дека се целосно мат сенки, разочарувачки.

И последната група на нијанси кои всушност се само 2 сенки (пастелни) се исклучително розева („girly“) нијанса која ми е една од омилените во оваа палета и розеникаво бисерна (хајлат) нијанса која изгледа идентично како најсветлата нијанса од првата група на сенки, но сепак се разликува бидејќи оваа е по розеникава. Како што може да забележите овие две последни  нијанси се многу пигментирани, со што нема да имате потреба да користите прајмер. 


Грамажа: 22 сенки = 25 g (0.9 oz.US)

Цена: 18  или ~ 1.107 МКД

Произведено во: Тајван

Потекло на производот: Данска, Копенхаген

Состојки: Состојките можете да ги најдете на пакувањето што е супер и не треба да се мачите да ги пребарувате.

Mica, Phenoxyethanol. Carylyl Glycol.
+/- : Talc. Nylon-12. Ethylhexyl Palmitate. Dimethicone. Magnesium Stearate. Octyldodecanol. Bis- Diglyceryl Polyacyladipate- 2.
Aluminum Starch Octenylsuccinate. Pentaerythrityl Tetraisostearate. Magnesium Myristate. Caprylic/ Capric Triglyceride. Octyldodecyl/ Stearoyl Stearate. Cetyl Dimethicone. Sodium Dehydrocetate. Simmondsia Chinesis (Jojoba) Seed Oil. Tocopheryl Acetate. Aloe Barbadensis Leaf Extract. Syntetic Fluorphlogopite. Polyethylene Terephthalate. Polyurethane- 11. CI 7789\ Titanium Dioxide. CI 77491\ Iron Oxides. CI 77492 Iron Oxides. CI 77499\ Iron Oxides. CI 77007 \ Ultramarines. CI 77510\ Ferric Ferrocyanide. CI 19140\ Yellow 5 lake. CI 75470\ Carmine. CI 77742\ Manganese Violet. CI 77000\ Aluminum Powder.

Продажни места: Јас ја купив од авионот на WIZZ Air (ја има и во понудата од Февруари- 2016 год.), но можете да ја најдете во сите добро снабдени парфимерии.

Позитивни страни на оваа палета:
☑ Елегантно пакување со големо огледало кое изгледа професионално
☑ Подобрена формула
☑ Одлично одговараат на секој тен и боја на очи
☑ Идеални нијанси за секое годишно време
☑ Прифатлива цена
☑ Одлично се сенчаат
☑ Долго траат
☑ Немаат никаков мирис
☑ Можете да ја носите на кратки и долги патувања

Негативни страни:
☒ Пакувањето содржи сунѓерести апликатори
☒ Потребен е прајмер за да се добие нивната реална боја
☒ Сите нијанси се со сатенски финиш
☒ Недостигаат мат нијанси
☒ Металните нијанси се малку по тешки за сенчање
☒ Сенките немаат ниту имиња ниту се обележани со броеви што е тешко за да ја објасните нијансата


Некои од нијансите сликани со блиц (без прајмер)

Какви изгледи би можеле да креирате со оваа палета?
Има убав спектар на бои, вкучувајќи ја и исклучително розевата и виолетовата за да се создаде прекрасен “girly„ изглед, со потемните нијанси класични зачадени очи, металните нијанси се одлични за метален изглед и светлите нијанси се одлични за природен и неутрален изглед.

Која е големината на контејнерот на сенките?
Најдобар пример за да имате претстава за големината и длабочината на контејнерот во кои се сместени сенките ќе ви ја опишам преку големината на 3 различни монети: Македонски денар (1 МКД), Шведска круна (10 Kr) и Евро (1 ). Како што можете да погледнете на сликите големината на сенките дефинитивно е многу помала од нашиот 1 денар и 1 евро, додека 10-те Шведски круни најдобро ја опишуваат големината и длабочината на контејнерите, за што тоа беше причината зошто точно ја избрав оваа монета за споредба.


Дали би ја препорачала оваа палета? 
Ја препорачувам оваа палета на оние феминки на кои им се допаѓа декоративна козметика која има сатенски финиш, бисерни и метални нијанси и сенки кои во својот состав содржат светки.

Дали повторно би ја купила? 
Не, но само поради тоа што оваа едвај би ја потрошила и би чекала да испаднат GOSH со нова уште подобра формула и обавезно да имаат неколку мат нијанси.

Тоа е се од мене за овој предолг пост. Се надевам дека ви беше корисен.
  • Дали имате пробано една од овие палети?
  • Кое е вашето мислење за козметиката на GOSH?


Би сакала да го слушнам вашето мислење.

Секое добро ви посакувам до наредниот пост !

    Елена  

Comments